Госпоѓа Ена Норнилд беше прогласена за една од најуспешните жени менаџери за 2016 година од агенцијата „ Марили“, за своето менаџирање во компанијата „Дан-Мак“ . За семејниот бизнис таа вели: - „Поразлични сме бидејќи не градиме само објекти и згради туку и доверба и пријателство со клиентите, сето тоа дополнето со нашите европски стандарди. Без разлика дали станува збор за Данци или за Македонци, луѓето што инвестираат во нов дом очекуваат компанија што ќе им понуди квалитет и која ќе им биде достапна. А наша цел е токму топол дом.“ |
МАРИЛИ: Госпоѓа Норнилд, компанијата „Дан-Мак“ опстојува веќе 10 години во Република Македонија во областа на градежниот сектор, но нејзиниот основачки капитал е дански. Кажете ни нешто повеќе за овој семеен бизнис и како дојде до тоа бизнисот да го преместите од Данска во Македонија?
НОРНИЛД: Одлуката да го продолжиме животот во матичната земја ја повлече и следната - да го пренесеме нашиот бизнис во Македонија. Така „Дан-Мак“ веќе 10 години постои и ниже успеси. Претежно се занимаваме со изградба на деловни и на станбени згради, пред сѐ, во Општина Центар, но постепено низ цело Скопје го шириме реонот во кој градиме. Градежна фирма е погодна инвестиција во Македонија бидејќи токму во последниве години на главниот град му се случува урбанизациска ренесанса, а „Дан-Мак“ не нуди само изведба, туку и пријателски однос со клиентите. Поразлични сме бидејќи не градиме само објекти и згради туку и доверба и пријателство со клиентите, сето тоа дополнето со нашите европски стандарди. Без разлика дали станува збор за Данци или за Македонци, луѓето што инвестираат во нов дом очекуваат компанија што ќе им понуди квалитет и која ќе им биде достапна. А наша цел е токму топол дом.
МАРИЛИ: Како изгледа еден Ваш работен ден?
НОРНИЛД: Работниот ден во „Дан-Мак“ за мене, а се надевам и за нашите вработени, не претставува тешкотија. Можам да се пофалам дека не се пронаоѓам во приказните на некои мои познајници што ми кажуваат колку е тешко да се стане наутро и да се оди на работа бидејќи ние работиме со задоволство. Сите наши вработени, јас, мојот сопруг Даниел, економистот Арзу и правникот Маја во текот на работниот ден сме колеги, а потоа пријатели. По утринското кафе веднаш ги организираме работните задачи и ги договараме насоките за тоа што треба да го реализираме во текот на денот. Кај нас се ценат лојалноста,посветеноста и работата. Техничкиот дел од работата, состаноците и „трчањето“ по катастри и нотари паѓа на мои рамена, но заедно со мојот тим навреме и најдобро ги завршуваме сите предизвици. Не се штедиме во однос на критериумите за успех, имено часови, денови и месеци се вложени во проектите и во делата, така што успехот е реален.
МАРИЛИ: Која е Вашата функција во однос на комплетното менаџирање во „Дан-Мак“ и дали имате искуство во делот на оперативата?
НОРНИЛД: По професија сум економист, а мојот сопруг е градежник. Заедно го исполнуваме „целиот пакет“ - тој го познава градежниот дел, а јас сум насочена кон подобар пласман на фирмата на македонскиот пазар, комуникацијата со нови клиенти, состаноците и кон она што сите најмалку го сакаат - бирократијата. Се трудам да му бидам поддршка на сопругот во секој чекор и при секоја тешкотија со која се соочуваме на работа. Секојдневно работам со љубов и исполнетост, ги вложувам сета моја енергија и ентузијазам. Јас сум оптимист и голем борец. Верувам дека со насмеано лице, позитивна енергија, посветеност и со многу вложен труд во работата може да се совладаат сите пречки и предизвици и да се остварат сите цели што изгледаат недостижни.
МАРИЛИ: Како би ги споредиле можностите за бизнис, особено во градежниот сектор, во Р. Македонија и во Данска? Какви поволности нуди нашиот пазар?
НОРНИЛД: Разликата меѓу Данска и Македонија е повеќе од очигледна. Секако, во секој поглед Данска е понапредна земја од Македонија и тамошниот стандард, за разлика од овде, е многу повисок. Разликата е забележлива секаде - од процедурата пред започнување на еден проект до самите финеси. Но тој процес напредува и се подобрува од година во година, а токму тоа што пазарот не е сосема развиен остава простор и за „помалите риби“. Во земја во која пазарот на недвижен имот е сосема развиен и која комплетно е урбанизирана потребно е многу за да може една нова компанија да застане на нозе. Ние, со искуството од Данска и со релативно новиот пазар во Македонија, имаме совршена фузија и формула за успех. Секако, секогаш има простор да се биде подобар, а ние секогаш се стремиме кон најдоброто.
МАРИЛИ: Какви планови имате за 2017 година и дали размислувате за проширување на бизнисот и во друга насока?
НОРНИЛД: За 2017 година си поставивме цел да ги завршиме веќе започнатите проекти, а имаме и нови договори што ги направивме за новата година.Но за нас тоа не е несовладлив предизвик бидејќи, пред сѐ, нѐ води огромната желба да градиме објетки што ќе остават вечен печат. Покрај „Дан-Мак“ имаме и ќерка-фирма „Дан-Пласт“ што, исто така, успешно функционира. Освен целите што веќе ги споменав, пошироката визија е да бидеме препознатливи, се надеваме да не застанеме само на ова затоа што имаме планови за проширување на патиштата на нашиот развој и во други насоки. Годинава сакам да реализирам некои мои соништа,а велат ако нешто можеш да сонуваш,тогаш сигурно можеш и да го оствариш. Верувам дека секоја цел може да се постигне ако вистински се сака. Годинава го отворив салонот за убавина „Miss EN“ којшто нуди голем број услуги: депилација,педикир, маникир, нокти, професионална шминка, третмани на лице, третмани на тело и масажи.
МАРИЛИ: Колку е напорно да се биде успешна жена менаџер во оваа дејност,но истовремено и да се одговори на обврските кон домот и семејството?
НОРНИЛД:
Иако „Дан-Мак“ е плод на нашиот заеднички труд и на некој начин е наше дете, секако, за мене и за мојот сопруг најважни се нашите две мали деца. Јас се трудам максимално да ѝ се посветам на работата, а со сите сили настојувам да ги надминам и пречките што се појавуваат. За да успеам во тоа што го посакувам во мојот професионален развој добивам огромна поддршка од моето семејство и од моите најсакани. Менаџерската работа, семејството и домот за мене, а верувам и за секоја жена со успешна кариера, понекогаш се како паралелни животи.Иако работата може да биде стресна и да ме преокупира дури и кога ќе заврши работниот ден, смеата и новите нешта што секој ден ги учам од моите деца, како и убавите моменти што може да се доживеат само во кругот на семејството, прават сѐ да биде полесно. Впрочем, сѐ што правиме, правиме за нив за да може еден ден тие да продолжат таму каде што ние сме застанале. Поради тоа, дури и кога некогаш ми доаѓа да оставам сѐ бидејќи сум премногу уморна од работа, помислувам токму на моментот кога ќе се вратам дома и сфаќам дека вреди да работам за тие две насмевки. Мислам дека секоја жена би се согласила со мене - да се биде и мајка и сопруга и вработена не е воопшто лесно, но вреди кога знаете дека правите сѐ за оние што најмногу ви значат.